Османи: Не знаме дали има политичка волја од двете страни, прво да се види предлогот усогласен со сите земји членки!

„Во овие последни денови француското претседателство треба да го преземе кормилото и да ни каже врз основа на проценката што ја добиваат од Софија дали има простор за некаков посуштински ангажман и од разговорите што ги имаат со нас, дали ќе одат на нареден чекор. Ако одат на нареден чекор нашиот став е да видиме унифициран став од сите земји членки, вклучувајќи ја и Бугарија, а потоа ние да ги кажеме нашите забелешки доколку имаме забелешки на таков француски предлог“.

Ова денеска на прес-конференција го кажа министерот за надворешни работи Бујар Османи во врска со францускиот предлог за укинување на ветото на Северна Македонија од страна на Бугарија за почеток на преговорите за членство во Европската Унија.

Тој рече дека прво треба да се види предлогот што е усогласен со сите земји членки, а потоа да се даде одговор, односно наша позиција во врска со таквите предлози.

„Бидејќи мислам дека не би било добро за нас доколку дадеме коментари сега, за потоа ако излезе дека за некои земји членки е неприфатливо. Ќе чекаме. Кога ќе добиеме сигнал од француското претседателство дека има усогласен став од сите земји членки, тогаш ќе ги дадеме нашите позиции“ – рече шефот на дипломатијата.

За внатрешната политичка сцена во Бугарија кажа оти не изгледа ветувачка, но дека се следат насоките што француското претседателство ги презема.

„Ако француското претседателство процени дека и покрај комплицираната политичка сцена во Бугарија треба да се направат наредни чекори со цел да се постигне некое решение во јуни, ние сме тука. Ние сме спремни да продолжиме со разговорите на било кое ниво таму каде што останавме во неделата во Скопје. Но, очекуваме да имаме предлог што е унифициран во сите земји-членки и потоа ние ќе ги дадеме нашите забелешки доколку има забелешки на таквиот предлог“ – додаде Османи.

За тоа какви гаранции бара Северна Македонија од Бугарија дека нема да има повеќе побарувања во иднина и дали би се согласиле тоа да стане дел од преговарачката рамка, Османи посочи:

„Ние не знаме дали има политичка волја од двете страни. Доколку тоа го дефинираме овие денови, дека Република Бугарија е спремна овој процес да го завршиме, ние, јас реков дека сме спремни еве од оваа прес-конференција директно да продолжам со преговорите каде и да е. Потоа се разбира ќе продолжиме таму каде што застанавме. Во текот на викендот во Скопје направивме значителен прогрес во разговорите. Требаше да продолжиме веднаш меѓутоа се случи тоа што се случи во Република Бугарија“ – додаде тој.