„Северна Македонија нема ништо против да ја внесе бугарската заедница во Уставот, заедно со другите заедници коишто се спомнати таму, бидејќи ако по нешто сме препознатливи во светот, тоа е по односот на државата кон заедниците, но сензитивноста е во непредвидливоста на процесот и токму за тоа се разговара во моментов со Софија“. Ова го изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на прес-конференција со австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг.
„Северна Македонија има постигнато уникатен модел на функционална мултиетничка демократија. Покажа дека на Балканот може да функционираат мултиетнички демократии, коишто може да бидат референтен модел и за другите држави, па и пошироко. Токму основата на европските вредности е во мултиетничноста и ние тоа го постигнавме и сме спремни да го прошириме во однос на сите етнички заедници. Сензитивноста е во непредвидливоста на процесот. Меѓутоа тоа е дел од разговорите коишто ги водиме со Република Бугарија“ вели Османи.
Шефот на дипломатијата денеска појасни дека тој во неговата неодамнешна изјава не поставил никаков ултиматум до бугарскиот претседател Румен Радев или до Европската Унија, туку само се обидел да ја појасни фактичката состојба.
„Тука не зборуваме за ултиматуми или за условување кон ЕУ или Бугарија, туку тоа е појаснување на фактичката состојба. Како поминува времето, се јавува обесхрабрување и сето тоа има последици и врз домашната политичка сцена и врз можноста граѓаните и политичките елити да го даваат својот придонес во овој процес“ – рече Османи.
Потенцира дека колку повеќе се одолговлекува процесот, толку тој станува поразводнет. Министерот додаде дека Договорот за добрососедство останува обврска за Северна Македонија, независно од исходот во јуни, а исто останува и заложбата за унапредувањето на правата на граѓаните со бугарска самосвест.
„Овој процес е доста созреан изминатите месеци и години и за секој елемент во процесот има решение, проблемот е како сето тоа да се опфати во еден сеопфатен договор за да нема утре нови прашања, нови елементи и создавање непредвидливост“ – рече Османи.