Османи: Не е во прашање само земјава, Софија може да ја закочи европерспективата на целиот регион

„Во очекување сме да видиме како ќе ги продолжиме разговорите со Бугарија. Времето е кратко, очите на 18 милиони луѓе од Западен Балкан се свртени кон Софија каква одлука ќе преземе. Ова не е веќе прашање дали Северна Македонија ќе ги продолжи преговорите, ова е прашање дали Западен Балкан има воопшто европска перспектива“.

Ова го изјави шефот на дипломатијата – Бујар Османи на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот хрватски колега Горан Грлиќ Радман одговарајќи на новинарско прашање што доколку не се подигне ветото поради политичката ситуација во Бугарија.

Османи дводневните целодневни разговори со бугарската делегација предводена од министерката Генчовска минатиот викенд ги оцени како едни од подобрите и како охрабрување за продолжување на тие разговори.

„Времето е кратко. Во прашање се денови во рацете на Бугарија, земја којашто 2018 ја врати европската агенда на Западен Балкан преку Самитот во Софија, потоа ја запечати таа агенда Загреб во текот на нивното претседателство. Дали сега пак во Софија ќе се погребе, за жал, ќе користам таков збор, таа перспектива на Западен Балкан, очите на 18 милиони луѓе се свртени кон Софија каква одлука ќе преземе. Мислам дека граѓаните на Република Бугарија не сакаат да бидат кочничари на европската иднина на 18 милиони граѓани, бидејќи ова не е веќе прашање дали Северна Македонија ќе ги продолжи преговорите, ова е прашање дали Западен Балкан има воопшто европска перспектива. Јас се надевам дека бугарските политичари ќе се издигнат на нивото на задачата којашто ја имаат и нема да дозволат во Софија да се изгради споменик на гробот на најуспешната политика на ЕУ во последните 75 години, а тоа е политиката на проширување. Уште сум оптимист дека во овие турбулентни времиња секој ќе ја разбере својата улога, ќе преземе стратешко лидерство и ќе испрати порака кон граѓаните на Западен Балкан дека тие се тука во срцето на Европа, и дека еден ден ќе бидат дел од ЕУ“ рече Османи.

Подвлече дека доколку се има политичка волја има доволно основа од досегашните разговори, утре може да се завршат тие разговори и да се постигне договор.

Грлиќ Радман, пак, потенцираше дека почетокот на пристапните преговори на С. Македонија со ЕУ, не е само во интерес на државава, туку и во интерес и на целата ЕУ, па и подеднакво и на Хрватска.

„Преважно е ова прашање да се најде повторно на агендата на Советот на ЕУ, сметам дека технички се е возможно, тоа е за една седмица, очекуваме, се надеваме на свикување на меѓувладина конференција, тука е битно е и француското претседателство и влијанието на водечките земји во ЕУ. Вложуваме големи напори од наша страна да увериме за неопходноста и важноста на пристапните преговори со Северна Македонија. Друго не можам да кажам, бидејќи имам исти сознанија како и министерот Османи“ – рече Радман.

Оцени дека ЕУ треба посилно да биде присутна во земјите од Западен Балкан, и секогаш, рече, како министер присутен на состаноците за надворешни работи, ја истакнувал важноста од посилна присутност на ЕУ на Западен Балкан, и дека тоа е од суштинска важност за безбедноста, за иднината, просперитетот и оти присутноста на Европската Унија е знак дека тоа е геополитички простор на Унијата.