Османи на ФБ: Имавме емотивна дебата, но време е да се обезбеди европска иднина на С. Македонија

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на Фејсбук апелираше до пратениците да ја прифатат Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори со Европската Унија. Рече дека дебатата била емотивна, но време е да се обезбеди европска иднина на Северна Македонија.

„Сега е време да подвлечеме линија. Имаме многу работа и бројни предизвици пред нас, но ако нешто не научи нашата кратка современа историја, тоа е дека сите предизвици, колку и да се комплексни, умееме да ги надминеме и да продолжиме на европскиот и евроатлантскиот пат. Ова е мој последен апел до пратениците. Имавме жолчна и многу емотивна дебата, но државата мора да продолжи напред. Граѓаните ни дале доверба не за да се откажеме, туку за да водиме, за да предводиме и да им обезбедиме подобра иднина. Време е да ги собереме впечатоците, и да ѝ обезбедиме европска иднина на земјата“ – напиша Османи.

Тој вели дека во изминатиот период биле спроведени веројатно најшироките консултации за било која тема досега кои не биле лесни, ниту едноставни, а создале и емотивни реакции и нервоза.

„Без разлика, колку и да ни се допаѓаа или не, без разлика колкава главоболка ни создадоа, овие широки консултации сепак беа продуктивни и создадоа јасни линии на внимателност, ако сакате упатство каде и како понатаму со европските интеграции. Ги прифаќам сите загрижености како автентичен изблик на внимателност кој преку заклучоците во Собраните сега стануваат обврска и за Владата, и за мене, и за целиот преговарачки тим. Ја разбравме пораката и подготвени сме да одговориме на сите предизвици“ – напиша шефот на дипломатијата.