Бугарскиот службен министер за надворешни работи, Иван Кондов остварил билатерален разговор со македонскиот колега Бујар Османи во обид да се разјаснат зборовите на македонскиот премиер Димитар Ковачевски дека „дискурсот на Бугарија кон Северна Македонија е многу сличен со оној на Руската Федерација кон Украина“, пренесува „Дојче Веле“
Според информациите, двајцата се сретнале вчера во Брисел, на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, на кој присуствуваа и шефови на дипломатите од земјите на Западен Балкан.
„Тој (Османи – н.з.) се обиде да објасни дека говорот на премиерот де факто бил поврзан со конкретни политичари, а не, во принцип, со политиката на Бугарија. Но јас го го поставив прашањето – зошто во таква ситуација е посочена Бугарија, а не конкретниот политичар на кој се однесувало тоа“ – рече Кондов.
Освен за овој разговор на маргините на средбата, Кондов објасни за кои прашања се интересирале министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан.
„Некои од колегите го поставија прашањето за побрзото проширување или побрза лента. Укажав од наша страна дека е исклучително важно да се почитуваат сите обврски, вклучително и промената на Уставот. Исто така укажав дека во сегашната ситуација, во која Бугарија се споменува на таков начин (споредување на односот на Бугарија кон РСМ со оној на Русија кон Украина – н.з.), како и продолженото нарушување на човековите права – тоа секако не е начин за побрза интеграција, конкретно за Северна Македонија“, изјави бугарскиот министер.
Тој рече и дека „Бугарија нема интерес од отфрлање на принципот на едногласност во гласањето за прашања од надворешната и безбедносна политика“. Таква иницијатива на почетокот на мај презентираа девет земји-членки на ЕУ, со цел да се подобри ефективноста и брзината при одлучувањето, наспроти обидите за непринципиелни пазарења или вета.