Годишнината од членството во НАТО на свечената седница ја честиташе министерот за надворешни работи Бујар Османи кој нагласи дека овие четири години значат безбедност зашто членството придонело за зачувување на стабилност на државата и дека тоа дошло во вистински момент „пред почетокот на агресијата на Русија над Украина“.
– Може да замислиме каква ќе беше ситуацијата во регионот ако ние не бевме членка на НАТО, во тие услови на империјални руски амбиции. Украина е само станица на тие амбиции на Русија и една од тие станици би бил Западниот Балкан, рече Османи.
Во однос на јубилејните 75 години од формирањето на НАТО (4 април 1949), шефот на дипломатијата истакна и дека политиката на отворени врати е една од најуспешните политики на Алијансата.
– Сакам да изразам задоволство од зачленувањето на Шведска и Финска, ние не сме веќе најновата членка. Со нивните одбранбени капацитети сигурно ќе се зајакне улогата на НАТО и на сите сојузници. Но, и европската интеграција е безбедносно прашање, така што ќе мора и ЕУ да продолжи со политиката на отворени врати зашто членството во Унијата веќе се гледа, пред се, како безбедносно прашање кое ќе го консолидира регионот и во тој правец, истакна Османи.
Република Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата на 27 март 2020-та, 27 години откако Собранието во 1993 едногласно усвои Резолуција во која се дефинирани надворешно-политичките приоритети на земјата – членството во НАТО и во Европската Унија.
На 15 ноември 1995 година државава го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир, на 14 јуни 1996 година беше отворена Канцеларија за врски, а при крајот на 1997 година и Постојаната мисија во седиштето на НАТО во Брисел.
Во април 1999 година, на Самитот на НАТО во Вашингтон, Република Македонија стекна статус на земја кандидат за членство во Алијансата, по што се отпочна со подготовка и реализација на Акцискиот план за членство.
Поканата за членство се очекуваше на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.