Османи: Македонија е најмалтретираната земја во процесот на проширување на ЕУ

Најдобрата гаранција за зачувување на македонскиот идентитет е, по влезот во НАТО, земјата да стане членка и на ЕУ, истакнува во интервју за германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ), министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Сепак, забележува дека Македонија е најмалтретираната земја во процесот на проширување на ЕУ.

Прашан дали има гаранции оти Бугарија нема да поставува натамошни барања по евентуалното усвојување на уставните измени, Османи вели дека никој не може да знае што ќе донесе следниот ден, пренесува Дојче веле.

– За жал, често сме биле разочарани, а динамиката во бугарската политика е толку несигурна што не се знае што ќе донесе утрешниот ден. Прилично сум сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања. Но, за мене е важно што е на агендата на ЕУ, ништо друго. Ние постигнавме компромис со Бугарија, акциски план за малцинствата. Сакаме темата да ја префрлиме од историски интерпретации и идентитетски прашања кон човековите и малцинските права, затоа што во тоа сме добри. Тоа го кажувам како човек кој не доаѓа од најголемата етничка група во земјата. Македонија изгради уникатен модел на функционална мултиетничка демократија, наспроти сите скептици кои сметаа дека тоа на Балканот не е можно, вели Османи.

Шефот на дипломатијата смета дека анкетите кои покажуваат оти големото мнозинство граѓани се против уставните измени се погрешно интерпретирани.

– Граѓаните го отфрлаат вметнувањето на идентитетско-политичките конфликти во процесот на проширување на ЕУ, но од претстојните уставни измени нема таква опасност, напротив, посочува Османи и дополнува дека тие „ќе ја зацврстат и прошират мултиетничката демократија“.

Османи вели дека е свесен за опасноста дека некои кругови во Бугарија ќе се обидат да ја злоупотребат ситуацијата на над 80.000 (според ФАЦ) македонски државјани кои поседуваат бугарски пасоши.

– Знам дека зад барањата за малцинските права стојат нечесни намери. Но, за мене поголема закана е дека сѐ додека нашите граѓани не се дел од ЕУ, тие ќе бидат принудени да аплицираат за бугарски пасоши од социјални и економски причини, наведува Османи во интервјуто за ФАЦ.