Бујар Османи – македонскиот министер за надворешни работи на денешниот брфинг со новинарите рече дека лица вработени во македонски институции минатата недела се јавувале во Бугарија само да не се реши спорот меѓу двете соседни држави.
„Оваа недела од Северна Македонија се јавувале во Република Бугарија кажувајќи дека непотребен е целиот тој ангажман затоа што овде ќе се оди брзо на избори, дека ќе има предвремени и дека нема да може ниту да се постигне одредено решение“ – рече Османи.
Тој сепак не откри за кои лица и институции станува збор, но дополни дека тие се на иста линија со двајцата вработени во Државната агенција за национална безбедност на Бугарија кои работеле за Македонија да нема европска иднина, кои вчера ги посочи бугарскиот премиер – Кирил Петков.
Во врска со повикот за бојкот на Пописот, Османи рече дека малиот број попишани наши државјани во одредени држави е почувствуван.
„Уште за време на пописот нашите дипломати не информираа дека повикот за бојкот го дава резултатот, особено во Канада, САД и Австралија и тоа, за жал, се одразува и во бројките кои што ги имаме“ – нагласи Османи.
Тој денеска потенцираше дека сите наши дипломатско-конзуларни претставништва биле максимално ангажирани подеднакво во секоја држава.
„Сега се разбира во Европа имаме повеќе ДКП којшто можат да покријат за нашите во дијаспората, за разлика од Австралија каде што имаме една Амбасада и Конзулат на целата територија на Австралија и не можат ни физички да ја покријат, за разлика од Европа каде може тоа физички да се постигне“ – наведе Османи.