Османи и Маричиќ категорични: Не прифаќаме преговарачка рамка со билатерални услови

„Не прифаќаме преговарачка рамка за членство во ЕУ во која се вметнати објаснувања за македонскиот јазик, протоколи за следење на исполнувањето на Договорот со добрососедство со Бугарија и услов измената на уставната Преамбула да се случи пред отварањето на преговорите со Унијата, на што инсистира Бугарија“.

Ова е заеднички став на министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ искажан на денешниот брифинг со новинарите.

Тие истакнаа дека францускиот предлог што беше објавен во јавноста не е конечна, туку работна верзија и дека штом ќе го добијат конечниот предлог на преговарачката рамка ќе го кажат својот официјален став.

Прашан дали ако Бугарија го тргне ветото со новоусвоената одлука во Народното собрание, таа земја повеќе нема да се смета во Унијата како главен кочничар на проширувањето, туку сега тоа ќе биде Македонија, министерот Османи рече „Ако Бугарија има исти ставови, тоа значи дека нема промена во позициите и не може ние да сме виновни за тоа. Ние сме за решение, но во рамки на нашите државни позиции“.

Според него единствено прифатливо за Македонија е преговарачка рамка со чист македонски јазик, без фусноти и дополнителни објаснувања, како и решавањето на историските прашања со Бугарија да биде надвор од рамката.

Османи е категоричен дека нема да прифатат протоколите за следење на тоа како се исполнува Договорот за добрососедство да бидат во рамката, затоа што на тој начин во рамката се вметнуваат историските барања, а тоа ќе и даде основи на Бугарија за нови блокади.

Маричиќ потенцира дека целта им била заштита на македонскиот јазик и идентитет и да добијат одржлив пакет за преговори што ќе не доведат до членство во ЕУ.

„Не можеме да се откажеме од европскиот процес, но ниту од јазикот и од идетитетот. Наша одговорност е да се грижиме за овие работи и не гледам простор надвор од ова. Поголема е одговорноста на некои структури и личности кои се обидоа да ја нарушат државната стратегија со своето пренесување на непроверени вести до политичките партии и до медиумите, за да се креира поинаква атмосфера“ рече Маричиќ.