Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во придружба на премиерот Димитар Ковачевски, во периодот 19 – 24 септември ќе учествува на 77-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, во Њујорк.
За време на престојот во Њујорк, Османи ќе учествува на трансатлантска вечера на министрите за надворешни работи на НАТО, организирана од страна на државниот секретар на САД, Антони Блинкен.
Воедно, ќе присуствува на состанокот на Јадранската Повелба А5, како и на состанокот организиран од Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и Советот за регионална соработка. Покрај тоа, Османи ќе земе учество и на средбата на земјите на Централно-Европската иницијатива (ЦЕИ) и на други важни меѓународни форуми за соработка.
Исто така, на маргините на овогодишното Генерално собрание, Османи ќе оствари бројни билатерални средби со свои хомолози од земјите членки на ЕУ и од земјите учеснички и партнери на ОБСЕ, во контекст на нашето претседавање со оваа организација, како и со високи претставници од Стејт Дипартментот на САД, а ќе ја искористи приликата да оствари средба и со претставници на нашата дијаспора, информираат од МНР.