Единствен начин да се спречи заминувањето на младите е преку намалување на расколот во економските и социјални прилики во Северна Македонија споредено со западните земји, што може да се обезбеди преку членството во ЕУ, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи во обраќањето на денешниот Улпиана форум што се одржува во Приштина, на панелот насловен „Миграција преку ангажман на дијаспората: нова димензија за дипломатска и развојна соработка“.
Од МНР соопштија дека Османи посочил на фактот дека земји како Шпанија и Португалија пред членството во ЕУ имале значително поголем одлив на работна сила и млади.
Трендот во овие две земји, според Османи, е променет со членството во Унијата.
Османи се осврнал и на проектите на МНР во интерес на дијаспората, при што го издвоил проектот, МКарта, кој во суштина, се вели во соопѓштението „создава вредна мрежа на поединци кои се најдобри во своите професии и кои со тоа оставиле трага во новото опкружување во кое се успешно интегрирани и служат како дополнителен мост на соработка помеѓу дијаспората и Северна Македонија“.
Идејата, се вели понатаму, на проектот е истите, согласно своето знаење и вештини, да бидат вклучени во тековните проекти на Владата и државните институции.
– Искуството на Северна Македонија покажува дека за квалитетна систематска работа со дијаспората, потребни се закон за дијаспора, институционална поддршка (во форма на министер или министерство) и нејзино мапирање, стои во соопштението од МНР.
Османи информирал дека Северна Македонија на последниот попис прв пат овозможила попис на дијаспората, но податоците за нејзиното лоцирање не може да се користат за креирање долгорочни политики.
За тоа, истакнал, е потребно детално мапирање, за што во моментот тече еден проект во соработка со Меѓународната организација за миграции, со вклучување на тројца млади експерти на нашата дијаспората од Италија.