Османи: Изјавите на Мицкоски се шовинистички

Целта на ДУИ не е да биде симатизирана од ВМРО или од СДСМ туку да се почитува волјата на избирачите, а таа е јасно искажана и не може да се згази ниту за момент, рече денеска потпретседателот на ДУИ Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека ДУИ заминува во опозиција, а во идната влада ќе биде вклучена коалицијата Вреди.

„Таквата изјава е шовинистичка и е навредливо да зборуваме за коалицирање на 9 дена пред избори. Повредено им е достоинството на гласачите со изјавата дека воопшто нема да биде важна нивната волја за кого ќе се определат. Тоа е омаловжување на волјата на избирачите, тоа не само што на е демократски, туку Албанците ги враќа во времето на Рахман Морина“, рече Османи.

Тој нагласи дека народот е тој што одлучува кој е претставникот на албанскиот народ, како и на други етнички заедници, а знаеме, додаде Османи, дека се вклучени во рамки на Европскиот фронт.

„Mицкоски успеа да го врати кај Албанците сеќавањето на стогодишното ропсто и на понижувањата во некогашна Југославија. Тој успеа да активира нерв за кој мислевме дека е трајно сокриен. Успеа да го врати времето од Југославија, кога беше одлучено дека Рахман Морина ќе ги претставува Албанците. Но, овој обид за омаловажување на секој Албанец и на етничките заедници со слична судбина, ги мобилизира луѓето, а ги мобилизира и оние кои во првиот изборен круг не излегоа да гласаат. Веќе не е прашање на избор меѓу Европскиот фронт предводен од ДУИ, и коалицијата Вреди. Таа битка практично е завршена на 24 април, така како што е завршена. Сега повикот треба да биде како да го тргнеме национализмот од сцената и да ја интегрираме државата во ЕУ“, рече Осамни.

Тој оцени дека изјавата на Мицкоски е обид за рушење на достоинството на народите и е понижување да се зборува отсега за таква власт без почитување на изборната волја.

„Тој предзвика таква мобилизација кај избирачите каква што со години и години не сме виделе. И каков е резултатот од таа мобилизација кај Албанците и други етнички заедници ќе се искаже на 8 мај. Народот ќе каже тоа што треба да се каже, својата волја ќе ја искаже. Жалам што ова сега го зборувам кога имам прес-конференција во Министерството за надворешни работи каде сме собрани поради убав повод, 55 години МНР, но добив новинарско прашање и морав да одговорам“, рече Османи.

Тој нагласи дека во рамки на Европскиот фронт ќе се расправа во врска со изјавите од ВМРО-ДПМНЕ кои ја „враќаат меморијата кај Албанците“ и оцени дека изјавите на Мицкоски се шовинистички.

„Државата повторно да биде ‘Твоја’, е шовинистички повик во една држава во која Албанец води надворешна политика за сите граѓани и во интерес на државата. Национализмот раѓа нов национализам. За жал овие сили го вратија тоа чувство на пониженост кај Албанците и другите етнички заедници“, рече Османи.