Османи: За нас е неприфатливо прво Бугарите во македонскиот Устав, па меѓувладина конференција!

„Точно е дека за време на последната посета на бугарската министерка за надворешни работи – Теодора Генчовска изминатиот викенд во Скопје беше кажано првата меѓувладина конференција на С. Македонија со ЕУ да се одржи дури по внесување на Бугарите во Уставот, но тоа беше бугарско барање, а не е договорено“.

Ова вечерва на Канал 5 тв го изјави министерот за надворешни работи – Бујар Османи.

„Точно е дека тоа беше бугарско барање и тука премиерот Петков е коректен дека има такво барање. Но нема договор, бидејќи за нас тоа е неприфатливо. Ние мислиме дека треба да е обратно. Нема дилеми дека треба да се направи, но во однос на чекорите сметаме дека треба да е обратно. И се заклучи дека треба да се врати секој во своите централи. Ние сметаме дека преговрачката рамка треба да биде заедно со меѓувладината конференција, а потоа да влеземе во уставни измени“ – рече Османи.

Премиерот на Бугарија, Кирил Петков вчера изјави дека при последната посета на министерката Генчовска на Скопје е разговарано првата меѓувладина конференција на земјава со ЕУ да се одржи дури откако Бугарите ќе бидат вметнати во Уставот. Тоа, според него, засега е само на ниво на предлог.