Најдобро е Никола Груевски да биде во Северна Македонија, од безбедносен аспект, бидејќи станува збор за човек кој знае се за земјава, а е во друга држава, изјави за ТВ 21 министерот за надворешни работи Бујар Османи.
-Од политички аспект, има едно прашање кое знам дека ќе се злоупотреби, но од безбедносен аспект да имате премиер кој ви бил премиер 10 години и ги имал сите информации за државата, а е во рацете на друга држава тоа не е паметно за било која држава, рече Османи.
Тој за ТВ 21 додаде дека нема иницијатива Груевски да се врати.
-Најдобро е да е овде и да се справува со судските процеси што ги има. Тоа би било најдобро решение. Затоа ова го кажувам повеќе аналитички но целата оваа фама околу некаква комуникација е тој психолошки страв што ние не го разбираме, додаде министерот.
На оваа ијзава веднаш следуваше реакција на претседателот на Демократско движење, Изет Меџити.
-За жал се потврдуваат нашите сомнежи, кога јавно прашавме дали Бујар Османи го посетил Груевски во Будимпешта и дали тоа го направил приватно или службено. Иако лично мислев дека ДУИ во 2016 се раздели со режимот на Никола Груевски, Османи докажа дека тајно одржувале комуникација и си помагале и се докажа дека работат на враќање на Груевски. Затоа го сменија Кривичниот Законик, затоа зборуваат за законот за амнестија, само да биде во функција на враќање на Груевски. Дали се подготвуваат да го вратат во Скопје на 23 октомври, денот на ВМРО?, прашуваат од Демократско движење.