„Европскиот совет ноќеска донесе одлука за колективна набавка на гас и други извори на енергија во име на земјите членки на ЕУ со цел да се намали зависноста од гас и нафта од Русија, а земјите од Западен Балкан првпат се вклучени рамноправно во овој нов механизам“. Ова денеска на брифинг со новинарите го рече министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Според него, тоа значи дека колку што земјава ќе има потреби за гас и нафта, Европската комисија ќе набавува во наше име.
„Ако се сеќавате кога ЕК вака набавуваше вакцини за земјите членки, ние не бевме вклучени во таа колективна набавка на вакцини на почетокот. Сега ЕУ се поставува така како што треба и ние сме рамноправно вклучени, така што мислам кај нас тоа ќе влијае во намалената зависност“ – рече Османи.
Тој додаде дека на ваков начин добиваме во цена, бидејќи кога купувате поголеми количини и цената е пониска.