Османи: Договорот од Брисел, Косово може да го спроведе еднострано, со гаранции од партнерите

Косовската претседателка, Вјоса Османи смета дека Косово може еднострано да го спроведе Бриселскиот договор со Србија и Охридскиот анекс, доколку добие гаранции од меѓународните партнери дека за возврат ќе има корист со признавање на независноста и членство во меѓународни организации.

Косовската претседателка, Вјоса Османи смета дека Косово може еднострано да го спроведе Бриселскиот договор со Србија и Охридскиот анекс, доколку добие гаранции од меѓународните партнери дека за возврат ќе има корист со признавање на независноста и членство во меѓународни организации, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во изјава за агенцијата КосоваПрес, Османи вели дека, сепак, засега нема конкретен одговор од меѓународната заедница за такво нешто.

-Тоа е само мој став, не мора да е и на другите институции, има врска со начинот на кој го користевме во 2007-2008 година. Кога Србија не го спроведе пакетот на (Марти) Ахтисари, имавме договор со партнерите, со сојузниците и, иако Косово еднострано го спроведе, користа од тоа беше независноста, признавањето, членството во меѓународните организации. Ако меѓународните партнери се заинтересирани да седнеме со нив и спроведувањето на договорите од страна на Косово да се поврзе со меѓународна поддршка, безбедносни гаранции, признавање и членство во меѓународни организации, тогаш тоа е нова ситуација. Но, до сега нема конкретен одговор од меѓународната заедница за такво нешто, рече Османи.

Меѓутоа, вели таа, Србија не може да се однесува како да нема обврски и дека не може да се бара спроведување само од Косово.

– Основниот договор што беше постигнат во Брисел и охридскиот анекс предвидуваат обврски за двете страни. Не може да се бара спроведување на обврските само за едната страна, додека другата страна, односно Србија, која формално се повлече од договорот, останува без никакви обврски. Договорот има смисла само доколку двете страни се придржуваат. Значи, Косово во овој случај има преземено крајно болни обврски, би рекла, преку одредени членови од овој договор, но тие имаат смисла само доколку и Србија го спроведе договорот, потенцира Османи.