Османи: Денеска го приближуваме Косово до Унијата

Претседателката на Косово Вјоса Османи, премиерот Албин Курти и претседателот на Собранието Гљаук Коњуфца денеска ја потпишаа апликацијата за членство во Европската унија, јавува „Клан Косова“.

По тој повод Османи рече дека со потпишувањето на апликацијата Косово се приближило кон Европската унија.

– Денеска е историски ден. Од денеска 14 декември има двојно значење во современата историја на Косово. Од една страна го славиме барањето за членство во ЕУ, а од друга страна годишнината на војската на Косово. Заедно со Коњуфца и Курти, во име на Република Косово, правиме одлучувачки чекор кон остварување на нашата неотуѓива амбиција. Денеска Косово го приближуваме чекор поблиску до ЕУ – рече Османи.

Таа нагласи дека нема друга алтернатива за граѓаните на Косово.

– Овој чин е посветен на сите граѓани на нашата земја. Овој момент е посветен на секое дете, жена и маж на Косово кои ги жртвуваа своите животи и кои беа неправедно соочени со геноцид и окупација – рече Османи.

Според неа, Косово заслужува да биде дел од ЕУ.

– Најмладата земја на најстариот континент, земја на политички плурализам, Косово со слободна пазарна економија, заслужува да биде дел од семејството на ЕУ. Нашиот пат напред е јасен, процесот може да биде долгорочен, но ние ќе си ја завршиме работата, за да може ЕУ полесно да си ја врши работата – рече Османи.