Бујар Османи – министерот за надворешни работи во интервју за тв Телма изјави дека во однос на билатералните прашања нема да се дозволи да има посебно поглавје, а историските прашања нема да бидат критериум за придвижување на процесот напред.
„Мене ми е најважно прво да се утврди дали има политичка волја пред да пристапиме кон конкретните прашања, решенија и документи. Засега не гледаме политичка волја во Софија. Во моментот кога ќе видиме сигнал дека таму има политичка волја, тогаш ќе влеземе и во тие разговори како понатаму во однос на конкретните предлози“ – изјави Османи.
Тој вели дека португалскиот предлог е основа за решение на спорот со Бугарија во однос на јазикот, а по однос на билатералните прашања, истакнува дека нема да се дозволи да има посебно поглавје, додека историските прашања посочува оти нема да бидат критериум за придвижување на процесот напред.
„Во однос на јазикот ние сме кажале дека португалскиот предлог е основа за решение, исто така и по однос на билатералните прашања, ниту ќе се дозволи да има посебно поглавје, ниту историските прашања да бидат „Бенч маркови“, или предуслови за придвижување напред во процесот“ – рече Османи.