Османи: Ги осудувам свирежите на македонскиот јазик

За време на вечерашното гостување во емисијата „Жешко политичко лето“, министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека свирежите на македонскиот јазик за време на Мировниот фестивал се за осуда.

„Тоа сигурно е за осуда. Јас бев присутен на настанот и тоа го направи една група тинејџери. Според мене лично, реакцијата на поголемиот дел од присутните беше против реакцијата на тинејџерите“, објасни министерот.

Османи потенцираше дека меѓуетничките односи бараат постојано негување.

„Колку такви меѓуетнички концерти имало досега за полека да ги навикнеме граѓаните? Нам ни треба поголема инвестиција во меѓуетничките односи. Во двата поголеми блока сѐ уште има предрасуди. Мора да работиме, а посебно со најмладите генерации“, изјави Османи.