
Османи утре ќе ја посети Софија каде заедно со неговиот бугарски колега, Николај Милков, ќе го посетат охриѓанецот Христијан Пендиков кој беше претепан на 19 јануари во угостителски објект на кејот во Охрид.
Од МНР велат дека посетата ќе биде искористена за двајцата министри да разменат мислења за инцидентот во Охрид, за зачестените провокации, како и за активностите на двете министерства за превенција и отпорност од сличните провокации.
За инцидентот, бугарското МНР упати и протестна нота преку амбасадорката на Северна Македонија, Агнеса Руси Поповска, а денеска пред зградата на Европската комисија (ЕК) во Софија се одржаа и протести за заштита на правата на Бугарите во земјава. Демонстрантите, поддржани и од националистичките партии „Преродба“ и ВМРО, побараа од ЕУ веднаш да ги прекине преговорите со Скопје.
Советот го поздравува гестот на Османи кој заедно со Милков ќе го посетат повредениот Пендиков и да му пружат морална и охрабрувачка поддршка како и да му се гарантира неговата безбедност во матичната држава Македонија.
Но сепак, со длабоко жалење ја прими веста за бруталниот физички напад врз Пендиков. Од Советот на амбасадори го осудуваат.
-Советот смета дека овој настан ја вознемири домашната јавност но и јавноста во соседна Бугарија, која со право го протолкува настанот како „антиевропски“ и „антибугарски“ испад, се наведува во соопштението.
Според Советот на амабасадори со таквите насилни испади се рушат добрососедските односи помеѓу двете соседни држави Северна Македонија и Бугарија, духот на мирот и соработката во регионот но и репутацијата на нашата држава како мирна и пријателска држава и кандидат за членството во Европската Унија.
Советот на амбасадори бара од надлежните судски органи најитно да го процесуираат судскиот процес и виновниците да добијат заслужени казни.