Османи во официјална посета на Индија: Географската оддалеченост не треба да биде пречка за добри билатерални односи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи кој е во официјална посета на Индија денеска се сретна со потпретседателот на државата Џагдееп Дханкар. Како што соопштија од Министерството за надворешни работи, на средбата било нагласено дека особено важно е да се интензивира соработката и искористувањето на потенцијалите со земјите од Централна и Јужна Азија, посебно со Индија.

Разликата во големината на двете земји, бројноста на населението, како и географската оддалеченост, не треба да бидат пречка за меѓусебно пријателство, добри билатерални односи и мултилатерална соработка. Ликот и делото на Мајка Тереза секогаш ќе биде дел од нашите истории и ќе остане во колективната меморија на нашите земји, изјавил Османи.

Од МНР додаваат дека двајцата соговорници изразиле подготвеноста за зајакнување и на парламентарната соработка, унапредувањето на договорната рамка, како и интензивирањето на културната размена и доближувањето меѓу двата народи.

Министерот Османи го поздравил и честитал последното високо достигнување на Индија во светски рамки, со првото успешно слетување на јужниот пол на Месечината.

Шефот на дипломатијата ќе се сретне и со министерот за надворешни работи, Субраманјам Џаишанкар, како и со други високи претставници на земјата.