Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека поставувањето блокади на граничните премини од страна на Србија е направено со цел да се создаде тензија и да се дестабилизира мирот и безбедноста на Косово и во регионот.
Османи оцени дека, спротивно на сите бриселски договори, Србија продолжува да користи криминални банди за континуирани напади на Косово и на слободното движење.
Таа ги повика сојузниците да излезат со јавен став во врска со овие континуирани прекршувања од Србија, со кои, како што вели, се кршат правата на граѓаните.
„Спротивно на сите бриселски договори кои се постигнати во овие 12 години, Србија уште еднаш покажува дека не се грижи за слободно движење, добрососедство, напротив, продолжува да користи криминални банди за континуирани напади на Косово и на слободното движење. Овие блокади кои се создадени во последно време, а кои конкретно имаат за цел да ги тероризираат албанските граѓани, имаат само една цел, да создадат тензии, да го дестабилизираат Косово и целиот наш регион. Но, во исто време ја покажуваат директната поврзаност на српската држава и криминалните банди кои ги организираа овие блокади, рече Османи по откривањето на статуа на поранешниот претседател на Ибрахим Ругова во сабота во Подуево.
Таа ги повика сојузниците на Косово “да заземат јавен став во однос на овие постојани прекршувања од страна на Србија, кои ги кршат правата на граѓаните и имаат тенденција да го дестабилизираат мирот и безбедноста не само на Косово, туку и во целиот наш регион“,.
Меѓу другото, косовската претседателка рече дека се преземени сите безбедносни мерки за да се спречи создавање тензии на територијата на Република Косово.
„Институционалната реакција на Косово, како што знаете, веќе се случува. Долго време собираме докази за ова. Упатен е јавен повик граѓаните да не ги користат тие гранични точки. Преземени се сите безбедносни мерки за оваа дестабилизација да не создаде тензии на територијата на Република Косово и ние сме во постојан контакт со нашите сојузници“, нагласи Османи.
Граничните пунктови во Мердар и Берњак продолжуваат да бидат затворени, додека на Јариње има слободен промет на автомобили, информираат од косовската полиција. По затворањето на пет канцеларии на паралелни структури на север од страна на косовската полиција поради сомнение за фалсификување документи, таканаречениот “Совет за блокади на Србија” најави блокирање на граничните премини.