Јас не сметам дека ова треба да биде албанска етничка агенда, треба сите политички партии да седнеме и да ги разгледаме овие прашања. Не сум наишол на отпор од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ за промената на „20 проценти“, тогаш зошто ова да се претвори во трка или анимозитет помеѓу политичките партии на македонскиот блок, нагласи министерот за надворешни работи Бујар Османи, осврнувајќи се на барањето на албанскиот блок да се избрише „ јазик што го зборуваат над 20 проценти“ и да стои само албански јазик, од Уставот.
Тој, на прес-конференцијата во Скопје по средбата со потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Казахстан, Мухтар Тлеуберди, одговарајќи на новинарско прашање во врска со барањето на албанскиот блок, потенцираше дека колку што имаат интерес албанските партии, толку имаат и македонските политички партии од промената на овој начин на формулирање на „20 проценти“ бидејќи, како што оцени Османи, ова довело до демографската трка во минатото.
– Како што јас го штитам и го бранам македонскиот јазик, политичарите од македонскиот блок треба да го бранат албанскиот јазик во Уставот, истакна министерот за надворешни работи.
Османи запраша зошто тоа прашање да се претвори во етничка агенда и да се стави во контекст на Европската Унија. Нагласи дека никој не смее да го условува интегрирањето во ЕУ, со какво било договарање и додаде дека интересот на албанските политички партии не може да биде во противречност со евроинтеграциите.
– Грешка е кој и да е да го условува европскиот пат со какво било друго барање. Интересот на албанските партии не може да биде во противречност со интересот на интегрирањето во ЕУ и тоа претставува и стратешка грешка и многу штетна доколку кој било би се обидел да го условува европското интегрирање со какво било друго прашање, било и да е и на етничка основа, истакна Османи.