Османи: Амбасадорката Руси во бугарското МНР ја потсетиле за член од договорот од 1999 година

Македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси била повикана во бугарското МНР во врска со најновата реакција на Бугарија, поради договор потпишан од 1999 година од владата на ВМРО-ДПМНЕ, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.

„Во 1999 година, Владата на ВМРО-ДПМНЕ има потпишано изјава со премиерот на Бугарија, Костов и во еден член во изјавата стои дека Северна Македонија нема да се меша во внатрешните прашања на Бугарија по однос на малцинските права. Не ја бранам позицијата на Бугарија, ви кажувам што и кажале на амбасадорката по однос на тоа прашање. Тие се повикуваат на изјавата од 99-та година“,

рече Османи вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5.

Македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси-Поповска била повикана на состанок во бугарското Министерство за надворешни работи поради неодамнешните јавни коментари на македонските политичари и лажните изјави од нивна страна за Република Бугарија. Ова е реакцијата на бугарското Министерство за надворешни работи објавена на нивната веб-страница, со која бара од македонските политичари и од политичките партии во Република Северна Македонија да не ги вклучуваат билатералните односи меѓу двете држави во предизборната реторика.

Извор : 360 Степени