
„Ослободувањето“ на компаниите од зелените обврски трасира пат кон создавање на десничарски „сојуз за дерегулација“ во ЕП
По гласањето во четвртокот станува нејасно дали мнозинството во СД, Зелените и дел од членовите на либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ) и натаму ја поддржуваат Еврокомисијата во која половина од членовите, вклучително и самата Фон дер Лајен, се од редовите на ЕПП.
Европскиот парламент во четртокот со 382 гласа „за“, 249 „против“ и 13 „воздржани“ го поддржа предлогот за значајни намалувања на обврските на компаниите во однос на еколошките правила.
– Денеска ги исполнивме очекувањата. Ја вративме конкурентноста на агендата и докажавме дека Европа може да биде и одржлива и конкурентна, изјави по гласањето главниот преговарач на Европската народна партија (ЕПП) за предлогот, Јерген Варборн.
Навидум, во ваквата одлука на ЕП нема ништо невообичаено, освен еден мал детаљ. Предлогот не беше усвоен со поддршка на традиционалните партнери на ЕПП од т.н. проевропско мнозинство на центарот – социјалдемократите, либералите и зелените, туку со гласовите на партиите од десницата и екстремната десница.
Ваквиот расплет на настаните следи откако партиите на центарот на успееја да се усогласат околу предлогот и претставниците на ЕПП во средата ги прекинаа преговорите со нивните колеги од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), која цврсто се противеше на предложените мерки.
Она на што особено се противеа социјалдемократите е тоа што компаниите со помалку од 5.000 вработени и со годишен приход под 1,5 милијарди евра, се ослободуваат од обврската да доставуваат извештаи за влијанието на нивниот работен процес врз човековите права и животната средина.
Овој развој на настаните, како што оценуваат бриселските медиум, го покренува прашањето дали претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен се уште зад себе има мнозинство во Европарламентот.
Дека партиите од екстремната десница, дел од десницата, како и од екстремната левица не ја поддржуваат Европската комисија се покажа на двете гласања по иницијативите за нејзина недоверба минатиот месец и претходното во јули, кои беа отфрлени со гласовите на мнозинството на центарот.

Но, по гласањето во четвртокот станува нејасно дали мнозинството во СД, Зелените и дел од членовите на либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ) и натаму ја поддржуваат Еврокомисијата во која половина од членовите, вклучително и самата Фон дер Лајен, се од редовите на ЕПП.
Во одговор на новинарско прашање за ставот на Европската комисија на усвојувањето на мерките од „ново мнозинство“, главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо вчера изјави дека Фон дер Лајен секогаш ќе биде подготвена да соработува и да изнаоѓа заеднички решенија со проевропските и продемократските сили во Европскиот парламент.
– Тоа е еден случај, а јас можам да ви посочам друг случај од истиот ден во Европскиот парламент, за усвојувањето на климатските цели за 2040 година од страна на сите продемократски и проевропски сили, што ние го поздравуваме, додаде Пињо.
Од конституирањето на актуелниот состав на Европскиот парламент по изборите во јуни минатата година, социјалдемократите во повеќе наврати ја обвинуваа ЕПП за „здружување“ со екстремната десница при гласањето за некои предлози за кои меѓу нив не постои консензус.
Прв таков случај беше гласањето по Резолуцијата за состојбата со човековите права во Венецуела минатата есен, кога социјалдемократите и останатите левичарски партии не се согласуваа со предлогот венецуелскиот претседател Николас Мадуро да се нарече „диктатор“. Сепак, Резолуцијата со ваквата формулација беше усвоена со гласовите на ЕПП и партиите на десницата и екстремната десница. Тогаш ова мнозинство неофицијално беше наречено „венецуелско“ или „коалиција Венецуела“.
По ова, имаше уште неколку гласање за помалку важни прашања, кои беа усвоени со гласовите на „венецуелското“ мнозинство, по што СД се закануваше со повлекување на поддршката на Комисијата. Ваквите закани доживеаја кулминација пред гласањето за недоверба на ЕК во јули, кога социјалдемократите најавија дека нема да ја поддржат Комисијата. Сепак, на крајот СД се предомисли, откако доби ветувања за некои социјални трошоци во следниот буџет на ЕУ и ја поддржа Еврокомисијата.
Бриселските медиуми оценуваат дека досега заканите на социјалдемократите беа сметани за „лаење во празно“, но дека работите би можеле да се променат по гласањето во четвртокот. Ова особено што „еколошките олеснувања“ за компаниите се само еден од предлозите од т.н. омнибус за поедноставување, кој има за цел повеќе дерегулации и намалувања на административните барања за бизнисите, што според партиите од левицата многу често се прави на сметка на правата на работниците и на заштитата на животната средина.

Во редовите на ЕПП преовладува ставот дека „постојат некои работи што не можат да се направат со поддршка на СД, но кои сепак треба да се направат“, што се толкува како најава дека за остварување на своите цели групата е подготвена, по потреба, да се здружува со различни политички сили.
Ваквата „лежерна“ позиција на ЕПП се должи на фактот што во актуелниот распоред на силите партијата може да бира во секоја конкретна ситуација дали ќе се здружи со партиите од левиот центар и либералите или со групите на десницата и екстремната десница.
Така, ако поедноставувањето за компаниите ЕПП успеа да го протурка со поддршка на десницата, за усвојување на преговарачката позиција за климатските цели и намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 90 отсто до 2040 година, партијата се потпре на социјалдемократите, либералите и зелените.
Потврда за ова даде и италијанскиот европратеник Карло Фиданца од редовите на Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), кој за порталот „Еурактив“ изјави дека истиот модел на гласање од четвртокот „неизбежно ќе се примени и во следните чекори во процесот на поедноставување“.
Неговиот сонародник Паскале Пјера од групата Патриоти за Европа (ПФЕ), пак, оцени дека ЕПП „има потреба“ од десницата.
– Од ЕПП ни се јавуваа секој ден за да се осигураат дека ќе ги поддржиме нивните амандмани, изјави Пјера, оценувајќи дека гласањето претставува „историска победа“ затоа што успеале да „го разбијат мнозинството на Фон дер Лајен“.
Лидерот на ПФЕ, Жордан Бардела во изјава за порталот „Политико“, гласањето го оцени како „победа на општиот интерес“.

– Општиот интерес победи. Тоа е плод и на нашето постојано растечко присуство, конкретно тука во Парламентот, рече Бардела.
Ова би можело да биде само почеток во создавањето на еден „траен сојуз за дерегулација“ во Европскиот парламент на партиите десно од центарот, но и дефинитивно „закопување“ на т.н. санитарен кордон – неформалниот договор меѓу ЕПП, СД, либералите и Зелените дека нема да се здружуваат и да соработуваат со екстремната десница.
Според копретседателот на групата на Зелените, Тери Рајнтке, ова е многу лош сигнал за соработката во ЕП во следните четири години.
– Тоа е лош знак за проевропското мнозинство, тоа е лош знак за Европа и тоа е лош знак за борбата против климатските промени и заштитата од детски труд, изјави Рајнтке за „Политико“ по гласањето.
СД засега одбива да ги коментира ваквите најави, посочувајќи дека тоа прашање треба да и се постави на ЕПП, која според нив „излегла од рамката“ и „застанала на страна на екстремната десница“.
– Ние остануваме посветени на проевропското и демократско мнозинство, изјави претседателката на СД, Ираче Гарсија Перез.
Сепак, проценките се дека социјалдемократите наскоро ќе мораат да реагираат, доколку не сакаат да ризикуваат рамнотежата на моќта во Брисел трајно се отколни од нив и да се навали кон десницата.