По четиридневна блокада на селото Бањска, од пладне е дозволен влез и излез од селото. Но, косовската полиција предупредува луѓето да се движат само по главниот пат, да бидат внимателни, да не се посетува планинскиот предел од безбедносни причини.
Иако истрагата е завршена, постои опасност од неексплодирани направи. Сомнителните места во наредните денови ќе се проверуваат.
Во меѓувреме, поради недостаток на докази ослободени се четворица од осуммината уапсени Срби, осомничени за нападот, кој се случи пред 4 дена. На тројца од уапсените им е одреден притвор од 30 дена.
Додека полицијата се уште е на терен, двете страни ги оплакуваат починатите.
Во Србија денеска е ден на жалост, за убиените тројца Срби. Прстот го вперуваат во мисијата на КФОР. Косовските срби, исто како и српските власти, се убедени дека КФОР дозволиле да се случи инцидентот.
Од мисијата на КФОР, го повторија ставот дека биле на терен и во соработка со косовската полиција и ЕУЛЕКС спречиле ескалација на ситуацијата. Српските претставници кои се вклучени во преговорите со ЕУ сметаат дека овој инцидент ги враќа многу назад. Бараат малку поголема ангажираност на меѓународната заедница, за кои велат дека е клучна во стабилизација на односите Белград – Приштина.