Американското Министерство за финансии денеска го означи македонскиот бизнисмен Орце Камчев согласно извршната наредба на претседателот Џо Бајден од јуни 2021 година како лице кое е закана за стабилноста на Западен Балкан преку корупција, соопшти Министерството.
„Господинот Камчев ја злoупотребуваше својата позиција, беше вклучен во коруптивни активности и спроведуваше агенда за сопствена корист на сметка на македонските граѓани и демократски институции“, вели потсекретарот во Министерството за финансии задолжен за тероризам и финансиско разузнавање Брајан Нелсон.
Од американското Министерство за финансии велат дека бизнисменот Јордан „Орце“ Камчев интензивно е вклучен во корупција, вклучително и злоупотреба на службената положба, перење пари и други кривични дела повеќе од една деценија, почнувајќи од раните 2000-ти. Во 2022 година, Камчев беше осуден во судскиот процес „Плацеви на Водно“ за учество во шема за перење пари поврзана со незаконско купување земјиште. На друго судење, Камчев призна вина за тешка злоупотреба на службената положба во „Случајот Империја“, во кој беше осомничен за злосторничко здружување, измама, перење пари и други кривични дела поврзани со неговите бизниси.
„Дополнително, Камчев ги искористи своето коруптивно влијание и богатство за да манипулира со судскиот систем во негова корист. Во 2020 година, главната обвинителка на Специјалното јавно обвинителство (Катица Јанева) беше обвинета за примање поткуп од Камчев и сведочеше дека Камчев платил пари во замена за поповолни притворски услови и исход на случајот. Камчев подоцна покрена граѓанска постапка против главната обвинителка и други, тврдејќи дека го изнудувале. Граѓанскиот суд во Скопје пресуди дека Камчев не е жртва и нема право на надомест на штета“, се вели во соопштението.
Оттаму потсетуваат дека по скандалот СЈО пропадна.
„Како резултат на тоа, многу случаи на висока корупција кои СЈО ги разгледуваше остануваат стагнирани и нерешени, одложувајќи ја одговорноста за многу поединци кои се занимавале со корупција слична на Камчев“, велат од Министерството за финансии на САД.
Како резултат на означувањето, целиот имот и интереси на Камчев во САД или во сопственост или контрола на лица од САД се блокирани. Забранети се сите трансакции на лица од САД со Камчев или негов имот и интереси.
Американската амбасадорка Анџела Агелер кажа дека овие санкции не ги засегаат само компаниите и имотот на Камчев, туку и на оние кои имаат бизниси со него.
Претходно, САД ги ставија на црна листа поради корупција Никола Груевски, Сашо Мијалков и Рамиз Мерко.