Камчев и Јосифовиќ сменија место на живеење, ќе лежат затвор во Струга

Затворската казна за случајот „Империја“ бизнисменот Орце Камчев ќе ја издржува во затворот во Струга затоа што во судот доставил промена на адреса на живеење, од Скопје во Охрид.

Истиот потег го направил и осудениот Ненад Јосифовиќ, кој заработи затворска казна во истиот случај.

„До Основниот кривичен суд Скопје на 05.05.2022 година од бранителите на Ј.К. и Н.Ј., осудените со пресудите врз основа на предлог спогодба во наведениот предмет, доставено е известување за промена на адресата на живеење и тоа од адреси во Скопје на адреси во Охрид. Судот ги изврши сите неопходни увиди за да ја потврди доставената информација, а по констатирање дека осудените лица во текот на постапката извршиле промена на адресата, Кривичниот суд, согласно член 7 став 2 од Законот за извршување санкции, според кој надлежен суд за извршување на санкцијата е судот според местото на живеење, денеска го достави предметот на понатамошно надлежно постапување на Основниот суд во Охрид“ стои во соопштението од Судот.

Камчев минатата недела доби упатен акт за во затвор, за да ја издржи затворската казна од 1 година која ја доби за случајот „Империја“, по направената спогодба. Покрај затворската казна тој ќе плати и 5,2 милиони евра штета.