Поранешните државни функционери обвинети за организацијата на случувањата од 27 април 2017 кога беше извршен насилниот упад во Собранието, повторно побараа да бидат опфатени со Законот за амнестија од 2018 година што се однесуваше на обвинети за овие настани.
Од Основниот кривичен суд Скопје велат дека тие заедно со нивните адвокати барањето го поднеле на рочиштето на 3 ноември, а судот својата одлука ќе ја соопшти на 14 декември.
Обвинети за организација на „27 април“ се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и бившиот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Владимир Атанасовски.
Сите се гонат за кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Тие веќе еднаш бараа да бидат амнестирани со законот од 2018 година, но од Кривичниот суд ги одбија со образложение дека не ги исполнуваат условите. Потоа, се жалеа пред Апелацискиот суд кој го укина ваквото решение од Кривичен и наложи првостепениот суд повторно да одлучува.
Судскиот процес во кој на поранешните функционери им се суди за организирање на настаните од 27 април 2017 година, се одвива по втор пат. Тие еднаш беа осудени на затворски казни од шест до шест и пол години, нопресудата беше укината од Апелација, а предметот вратен на повторно судење.