Орбан: Средбата Трамп – Путин во Будимпешта сè уште е на дневен ред

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Будимпешта сè уште е на дневен ред, и оти разговорите меѓу руската и американската делегација моментално се во застој по прашањето на украинските територии.

Орбан истакна дека Унгарија до одреден степен е вклучена во преговорите меѓу американската и руската делегација. Тој во интервју емитувано на Јутјуб каналот на комерцијалната телевизија ATV, рече дека преговорите во моментов се во застој по прашањето на териториите.

Орбан наведе дека 22 проценти од Доњецката област на истокот на Украина сè уште не се под руска контрола.

Тој нагласи дека не се откажал од својата мировна мисија за Украина и дека ги користи своите врски со Русија за постигнување договор, пренесе МТИ.

Трамп и Путин на 16 октомври по осми пат телефонски разговараа оваа година.

По разговорот, кој траел два и пол часа, помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков најави дека Москва и Вашингтон веднаш ќе почнат подготовки за нова средба меѓу Путин и Трамп, која би можела да се одржи во Будимпешта.

Трамп подоцна соопшти дека го откажал планираниот состанок со Путин во Будимпешта.

Путин изјави дека средбата веројатно е одложена.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Трамп прв предложил дека одржувањето на самитот во Унгарија моментално нема смисла, и дека Путин се согласил со тоа.