
„Унгарија нема да ја поддржи Украина за ниту едно прашање во меѓународните односи сѐ додека Украина не ги врати правата на мајчин јазик на етничките Унгарци на својата територија“, рече денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан пред унгарскиот парламент.
Унгарија се судри со Украина поради, како што вели Орбан, ограничувањето на правата на околу 150.000 етнички Унгарци, првенствено да го користат мајчиниот јазик во образовниот систем, откако Украина во 2017 година усвои закон за ограничување на употребата на јазиците на малцинствата во училиштата.
„Тие сакаат да ги трансформираат (унгарските училишта) во украински училишта и ако тоа не функционира, сакаат да ги затворат“, рече националистичкиот премиер Орбан во својот говор, додавајќи дека неговата влада ќе се бори за правата на етничките Унгарци во западна Украина, пренесе Ројтерс.
„Не ја поддржуваме Украина за ниту едно прашање на меѓународната сцена додека не ги врати законите што им ги гарантираат правата на Унгарците.“
Шефицата на ЕУ Урсула фон дер Лаен во почетокот на овој месец ја претстави визијата за проширена Европска Унија, која би ја вклучила и Украина. Земјите на ЕУ во декември треба да одлучат дали ќе ѝ дозволат на Украина да ги почне пристапните преговори – за што е потребна едногласна поддршка од сите 27 земји во блокот.
Орбан, исто така, рече дека Унгарија нема да трча да го ратификува пристапот на Шведска во НАТО, навестувајќи дополнително одложување на процесот, кој е заглавен во парламентот од минатата година. Кандидатурата за членство на Шведска е во мирување и се чека одобрување од Унгарија и од Турција.
„Се прашувам дали има нешто итно што би нѐ принудило да ја ратификуваме кандидатурата на Шведска за НАТО. Јас не гледам таква околност“, рече Орбан.
Орбан денеска во парламентот рече дека планот на Брисел да ја одвикне Европа од руската енергија е во спротивност со интересите на Европа и на Унгарија. Унгарија е силно изложена на руските испораки на нафта и гас, вели Ројтерс, но Орбан рече дека презела чекори за диверзификација на своите испораки, повикувајќи се на неодамнешните разговори со Катар, Турција и Азербејџан за идните испораки на гас.