Орбан испрати силна порака: Ова се избори за војна или мир во Европа

Најважното прашање на европските избори е дали Европа треба да остане надвор од војната или да влезе во војна, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан по гласањето на изборите за Европскиот парламент.

„Денес треба да победиме на овие избори во Европа, ова се први европски избори на кои оваа тема се провлекува низ речиси сите земји-членки. Ги следев германската, италијанската и француската изборна кампања, сите зборуваа за војната, така што тоа сега е паневропско прашање“ – рече Орбан.

Одговарајќи на новинарско прашање, Орбан рече дека мирот во Украина може да се постигне во два чекори.

„Прво, треба да победиме на европските избори и нивните резултати да се толкуваат како мислење на луѓето за прашањето за војна и мир“, рече тој, пренесува МТИ.

Во Унгарија денеска е забележан висок одѕив, а до 13 часот гласале 33,14 отсто од гласачите, повеќе од два милиони луѓе.

Во исто време со изборите за ЕП, во Унгарија се одржуваат и локални избори.