Моќта на ветото: Орбан има неочекувани потенцијални сојузници во обидот да ја задржи Украина надвор од ЕУ

➡ Додека Орбан е лидерот на ЕУ најблизок до претседателот Владимир Путин и најнепријателски настроен кон Украина, другите лидери имаат многу поразлични мотиви за да застанат на негова страна - главно за да ја одбранат својата моќ на вето.

Унгарскиот претседател Виктор Орбан може да најде поддршка на необични места за својот обид да го спречи влезот на Украина во ЕУ — вклучително и од францускиот претседател Емануел Макрон.

Пред собирот на лидерите на ЕУ во Копенхаген, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта врши притисок врз европските лидери да најдат начин да се заобиколи противењето на Унгарија за приклучувањето на Киев кон блокот, заедно со други закочени кандидатури за членство.

Како што прво објави „Политико“ во понеделникот, португалскиот политичар понуди да се променат правилата на ЕУ за да се дозволи формалните преговори за пристапување да почнат по одобрување со квалификувано мнозинство на лидерите, наместо со едногласна согласност како што се бара моментално.

Но, планот на Кошта се покажува како контроверзен. Додека Орбан е лидерот на ЕУ најблизок до претседателот Владимир Путин и најнепријателски настроен кон Украина, другите лидери имаат многу поразлични мотиви за да застанат на негова страна — главно за да ја одбранат својата моќ на вето.

Планот се соочува со отпор од неколку земји на ЕУ, меѓу кои Франција, Холандија и Грција, и е малку веројатно дека ќе добие широка поддршка во Данска, според тројца дипломати од ЕУ и еден функционер од француското претседателство кои разговараа со „Политико“ под услов на анонимност поради чувствителноста на дискусиите.

Загриженоста кај овие земји е дека со промена на правилата за пристапување, тие исто така би ја ограничиле сопствената способност да ги блокираат кандидатурите за членство кои ги сметаат за проблематични, рекоа истите лица. Тоа отвора цел спектар на ривалства на кои Орбан може да игра: важно е за Грците, на пример, да покажат дека можат да ги задржат разговорите за членството на Турција, исто како што Бугарите сакаат да можат да ја повлечат линијата околу Северна Македонија, а Хрватите да ја блокираат Србија.

Предлогот на Кошта би отворил пат напред не само за Украина – чија кандидатура со месеци е задржана поради ветото на Орбан – туку и за Молдавија, бидејќи кандидатурите на двете земји се поврзани.

Според еден висок функционер на ЕУ, предлогот на Кошта денеска ќе биде ставен на маса во Копенхаген, заедно со уште еден предлог да се искористат замрзнатите руски средства за да и се помогне на Украина. „Ниту еден лидер досега не одговори со целосно ’не‘ на оваа идеја“, рече високиот функционер, мислејќи на предлогот на Кошта за промена на правилата.

Финскиот претседател Александар Стуб за „Политико“ изјави тој го поддржува секој обид да се забрза процесот. „Секој механизам на донесување одлуки кој дава повеќе флексибилност и помалку можност за блокирање, јас лично го поздравувам, и никогаш повеќе отколку во случајот со Украина“, рече тој.

Но, таборот што му се спротивставува на Кошта и Стуб може да се покаже како премногу силен. И ако цената за зачувување на правилата е тоа што Украина и Молдавија ќе мора да чекаат месеци, ако не и години, за нивните кандидатури да се придвижат напред, тоа е цена што овие земји се подготвени да ја платат.

„Ние воопшто не сме убедени со тоа да се менуваат правилата на играта за време на играта, затоа што тоа е она што некои го предлагаат“, рече еден висок дипломат на ЕУ, кој доби анонимност за да дискутира за чувствителни дипломатски прашања.

„Ако се воведе квалификувано мнозинство за гласање (за да се придвижи процесот на пристапување), постои многу голем ризик процесот да стане екстремно политизиран“, додаде тој.

Уште поголем предизвик е тоа што за да се променат правилата, сите 27 земји членки, вклучително и Унгарија, би морале да се согласат – нешто што овие дипломати го сметаат за невозможна почетна точка.

„Ако би требало да се направи промена или еволуција во процесот на донесување одлуки, тоа исто така би морало да се одлучи преку едногласност, што денес не изгледа можно“, рече еден функционер од француското претседателство.

Притисок за Украина

Поттикот за поедноставување на пристапувањето кон ЕУ доаѓа во момент кога највисоките функционери на ЕУ даваат силна поддршка за кандидатурите за членство на Украина и Молдавија.

Фон дер Лајен повеќе пати изјави дека Украина „припаѓа во ЕУ“, тврдејќи дека Киев може да постигне полноправно членство во групата од 27 земји до 2030 година доколку продолжи со судските и економските реформи.

Киев спроведе судски реформи и имаше обемни разговори со колеги од Брисел, но правно гледано, преговорите сè уште не почнале. Тоа е затоа што според сегашните правила, Унгарија може да ги блокира формалните разговори.

Молдавија е во иста ситуација. Кандидатурата на Кишињев за приклучување кон блокот од 27 членки – што претседателката Маја Санду ја стави во срцето на кампањата пред парламентарните избори минатата недела – е врзана со онаа на Украина, што значи дека не може да напредува сè додека кандидатурата на Киев е блокирана.

Закочениот процес носи цена и за Санду и за украинскиот претседател Володимир Зеленски, бидејќи двајцата го истакнуваат идното членство во ЕУ како алтернатива на руската сфера на влијание.

Иницијативата на Кошта доби поддршка оваа недела од Европската комисија, каде што функционери приватно велат дека сегашниот процес – кој бара едногласно гласање во повеќе од 100 фази – е премногу комплициран.

Идејата на Кошта е да се воведе квалификувано мнозинство за гласање во тие привремени фази за да може да има напредок, дури и ако мал број земји се противат. Конечното приклучување кон ЕУ сепак би било невозможно без едногласно одобрување.

Неочекуваните сојузници на Орбан

Но, тој притисок сега наидува на отпор од лидери кои го гледаат своето вето за членство како длабоко поврзано со националниот суверенитет.

Земете ја Грција, која долго време се спротивставува на кандидатурата на Турција за членство, гледајќи ја како безбедносна закана. Атина се потпира на своето вето како начин за гарантирање дека Анкара никогаш нема да се приклучи на ЕУ – дури и ако кандидатурата на Турција е правно ставена во застој.

„За овој предлог сме многу претпазливи“, рече еден грчки дипломат, мислејќи на предлогот на Кошта за промена на правилата.

Париз исто така историски се спротивставува на пристапувањето на Турција во блокот, при што Макрон му кажа на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган уште во 2018 година дека нема никакви шанси кандидатурата на Анкара да напредува.

Истото важи и за Бугарија, која сака да може да го блокира влезот на Северна Македонија во блокот, или за Хрватска, која историски се спротивставува на пристапувањето на Србија.

„Очигледно е дека Унгарците ги блокираат Украинците“, рече првиот дипломат од ЕУ.

„Но тоа не е сè. Бугарите сакаат да можат да ги блокираат Македонците, Хрватите сакаат да имаат контрола врз Србите, Грција и Кипар не сакаат Турција да се приближи до ЕУ, а Грција исто така би сакала да го задржи надзорот врз Албанија“, додаде дипломатот.

Јавно, лидерите на ЕУ може да се спротивставуваат на блокирањето на Украина од страна на Унгарија. Но зад затворени врати, многумина го сметаат тоа за погоден параван за нивните сопствени барања.