Орбан: ЕУ е мировен проект, а ние имаме војна во Европа

ЕУ е мировен проект, а ние имаме војна во Европа, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан и додаде дека чекањето да се појави мировен план прифатлив за двете страни во конфликтот во Украина нема да донесе мир.

Тој во обраќањето на форум во Италија рече дека војната и миграцијата се фактори кои треба да се земат предвид, пренесе агенцијата МТИ.

– Неколку војни се водеа без комуникација меѓу завојуваните страни, што е клучен фактор за завршување на војната. Мора да се одржи комуникацијата со двете земји – нагласи унгарскиот премиер.

Орбан рече дека посредувањето започнува со комуникација и води до мировен план преку прекин на огнот.

Зборувајќи за неговите патувања во Киев, Москва, Пекинг и САД во текот на летото, Орбан рече дека започнал „мировна мисија“ за „да разбере какви се шансите за мир“.

– Мојот заклучок беше дека нема намера ниту од една страна да се постигне мир. И двајцата лидери рекоа дека времето е на нивна страна – потенцира Орбан.

Зборувајќи за унгарското претседавање со Советот на ЕУ, Орбан рече дека приоритет на Будимпешта е да ја врати конкурентноста на ЕУ и дека „принудувањето“ на политичка унија меѓу земјите-членки само ќе ја отежне таа цел.