Општините, пред се Општина Аеродром и Општина Центар бараат Град Скопје да го реши проблемот со вработените од „Комунална хигиена“.
Општина Центар алармира до Град Скопје за неисчистените контејнери и преполните канти со смет, поради, како што наведува, протестот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.
Освен Центар, се огласија и Општина Аеродром кои бараат екипите на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ итно да ги испразнат контејнерите кои се преполни со ѓубре.
– Чистотата, јавната хигиена и одржување на здрава животна средина е јавен интерес од кој сите имаме бенефит. Делот на хигиената во Скопје кој е во надлежност на градските служби подолг временски период е во лоша состојба, а изминатите неколку денови, за жал градското јавно претпријатие „Комунална хигиена“ не успеа да најде начин како да го менаџира системот на одржување на чистата животна средина. Насекаде гледаме полни контејнери, а сите ние, граѓаните ја трпиме штетата од, неумесното и неодговорно менаџирање со јавното претпријатие. Преполните контејнери смет и лошиот мирис кој се шири во општината е одговорност на Градот Скопје и Јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Граѓаните одговорно и навремено ја плаќаат комунална такса и тие заслужуваат чиста и средена општина. Токму поради тоа апелираме до надлежните, да ја тргнат политиката на страна и итно да изнајдат соодветно решение за собирање на сметот во општина Аеродром – апелираат од општина Аеродром.
Од Центар пак, велат дека голем број граѓани денеска се пожалиле поради нехигиената и неподносливата миризба која се шири поради преполните контејнери по булеварите и улиците на главниот град.
„Апелираме на итна реакција од Градот Скопје под чија надлежност е ЈП „Комунална хигиена“. Ние со своето претпријатие ќе продолжиме активно да ги одржуваме општинските површини. Предупредуваме, надлежните од Градот да не бараат оправдувања, туку веднаш да дејствуваат, високите температури надвор најмалку дозволуваат главниот град да биде претрупан со смет. Граѓаните плаќаат комунална такса и сакаат чист град“, порачува Општина Центар