Општина Тетово ќе добие нов Совет, Владата го распушти актуелниот

Општина Тетово наскоро ќе добие нов Совет. Ова е резултат на тоа што советниците не успеаја на време да ја усвојат Завршната сметка на Општината за 2021. година.

Бројот на советници од коалицијата на власта и коалицијата на опозицијата се изедначи, откако не се успеа да се избере уште еден советник на место на неговиот претходник кој даде оставка.

Владата според Законот за локална самоуправа, во рок од 30 дена требаше да се изјасни за натамошниот начин на работа на Советот. Владата донесе одлуката и даде дозвола за распуштање на Советот, а на ред е претседателот на Собранието Талат Џафери да ги распише изборите и да одреди датум кога тие ќе се одржат.

„Владата малку доцнеше со донесување на оваа одлука, но важно е дека е донесена. Ние сега ќе чекаме одлука од Претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ги распише изборите за избор на Совет на Општина Тетово. Чекаме да го соопшти и датумот кога ќе се одржат овие избори, но за Општината најдобро е тие да се одржат што е можно побрзо. Без Совет на Општината во многу нешта ѝ е попречено да работи. Додека се закажат и се одржат изборите сите ингеренции не поминуваат на градоначалникот туку во негова надлежност ќе бидат само оние кои се од технички карактер за да може Општината да функционира и да не се блокира работата“ – изјави Бесар Дурмиши, досегашен претседавач на Советот на Општина Тетово.

Според некои предвидувања, изборите најверојатно би се одржале во втората половина на август.

Советот на Општина Тетово има 31 советник.