
Општина Кочани најави дека започнува со уривање на дивоградбите во градот, а трошоците планира да ги наплати од сопствениците на дивоизградените објекти.
По трагедијата што го потресе Кочани, во нелегален угостителски објект без соодветни технички услови, општината почнува со поостар пристап кон справувањето со бесправно изградените објекти. Корисниците на овие објекти добија рок од 30 дена самите да ги отстранат дивоградбите, тоа не е направено. Поради тоа, Општина Кочани ќе пристапи кон нивно отстранување .
„Бидејќи тоа не го сторија, Општина Кочани ќе пристапи кон отстранување на објектите и корисниците на дивоградбите ќе добијат фактура за трошоците настанати при отстранувањето, која ќе мора доброволно или присилно да ја платат“, изјави градоначалникот Венко Крстевски.
Дополнително, ќе бидат поднесувани прекршочни пријави со високи глоби, а зависно од конкретниот случај, можни се и кривични пријави. Отстранувањето нема да се однесува само на доградбите кај објектите во Трговскиот центар, туку и на други бесправно изградени објекти на територија на целата општина, велат од локалната самоуправа.
На повторениот тендер е избрана фирмата „Политехна Компани ДООЕЛ Кочани“, која ќе го врши уривањето. Вредноста на договорот изнесува 847.457 денари без вклучен ДДВ.
Од Општината нагласуваат дека вакви трошоци можеа да бидат избегнати доколку корисниците постапеа навреме и самите ги отстранеа објектите. Со оваа акција, Општина Кочани најавува „систематско справување со урбанистичкиот хаос и враќање на законитоста во просторот“.