Општина Кисела Вода се екипира за справување со снежното невреме
„За справување со снежното невреме, покрај специјализираните возила, на располагање ги ставаме сите службени возила и целокупниот човечки потенцијал“. Ова е одлуката на денешниот координативен состанок на Општинскиот кризен штаб за заштита и спасување од природни непогоди на Општина Кисела Вода, предводен од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Од општинската прес-служба информираат дека согласно дестабилизацијата на временските услови и снежните врнежи, донесени се повеќе одлуки и мерки, со цел помош и заштита на граѓаните.
Дефинирани биле критичните точки во општината и направен е план за мобилизација на дежурни тимови, кои навремено ќе реагираат и во текот на ноќта и во деновите кои следат, се до стабилизација на временската состојба.
За очекуваните замрзнати јавни површини, обезбедени и поделени по месните и урбаните заедници, градинките и училиштата, се 400 вреќи со сол. На располагање ќе бидат неколку камиони специјализирани за чистење на снежните наноси, како и неколку општински трактори со кои ќе се чисти снегот на тесните улици, патеки и тротоари.
„Покрај целокупниот човечки потенцијал, Општина Кисела Вода на располагање на граѓаните ги става и сите службени возила. Имено, доколку имаат некаква итна потреба и заради временските услови се спречени да ја остварат, можат да се јават на телефосниот број 075/309-548 (Далибор), да пишат на contact@kiselavoda.gov.mk или на фејсбук страницата на Општина Кисела Вода. Нашите тимови координирано ќе излезат во пресрет на жителите и нивните неопходни потреби. Воедно, ги повикуваме граѓаните да не контактираат и доколку некаде е потребна дополнителна интервенција за расчистување на снежните наноси“ рече градоначлникот Ѓорѓиевски.