Општина Аеродром ќе соработува со 185 градови и општини преку „Мрежата на силни градови“

Општина Аеродром и официјално стана дел од „Мрежата на силни градови“ во која членуваат повеќе од 185 општини и градови, ширум светот.

„Восхитени сме од можност да и посакаме добредојде на Општина Аеродром во „Мрежата на силни градови“, стои во објавата на фејсбук страната на мрежата притоа додавајќи дека со нетрпение очекуваат да соработуваат со градоначалникот Тимчо Муцунски и Општина Аеродром, кои се дел од мрежа која брои повеќе од 185 општини, посветени на решавање на проблемот со омразата, екстремизмот и поларизацијата.

Градоначалникот Муцунски споделувајќи ја веста на својот фејсбук и инстаграм профил потенцираше дека членството на Општина Аеродром во меѓународните мрежи и организации е потврда за посветеност во решавањето на клучните предизвици со кои се соочуваат граѓаните и општеството, но и доказ за меѓународната поддршка и соработка која општината и градоначалникот ја имаат со своите пријатели и партнери, од ЕУ и светот.

„Горд сум што како градоначалник на Аеродром, низ оваа и слични иницијативи, успеваме да ја доближиме општината до сите регионални, европски и светски иницијативи, каде преку меѓусебна поддршка ќе создадеме средина која е развиена, инклузивна и креира можности за граѓаните“, истакна Муцунски во својата објава.