Определен 30 дена притвор за директорот на Геријатрија

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје им определи триесетдневен притвор на две лица осомничени за примање поткуп за болничко згрижување на лице.

Судот определи 30 дена притвор на директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, Мухсин Арифи, и на уште едно лице кои се осомничени за примање поткуп од 20.000 евра за да сместат болно лице во установата.

„Се прифаќа предлогот на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и на осомничените М.А. и Б.А. им се определува мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т.1, 2 и 3 односно Опасност од бегство, Влијание врз сведоци и Основано сомнение дека може да го повторат делото. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет“, соопшти Кривичниот суд.

Првоосомничениот, односнот директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, во периодот од 19.3.2025 до 8.4.2025 година, во неколку наврати, директно побарал значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејство што би морал да го изврши.