Коалицијата на опозициски партии на Албанците обвини дека владејачката партија ДУИ, потписите за кандидатурата на Бујар Османи за претседателските избори ги собира во партиските канцеларии.
На снимки објавени од албанската опозиција, се гледаат поголеми групи граѓани кои потпишуваат документи.
Сепак, според координаторот на ДУИ во Собранието, Арбр Адеми, воедно и портпарол на партијата, станува збор за луѓе кои масовно се зачленуваат во нивната партија.
„На тие снимки се појавуваат граѓани кои се зачленуваат во ДУИ, во штабовите на ДУИ. Точно се гледа дека на формуларите стои логото на ДУИ. А процесот на собирање на потписи е сосема друга активност која се одвива на регионалните центри на Државната изборна комисија и гледаме реки од народ за кандидатурата на доктор Бујар Османи“ – изјави Адеми за тв Сител.
Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК), Османи убедливо ги надминува останатите 10 кандидати и од потребните 10.000 веќе има повеќе од половина собрани потписи.
Кандидатот за претседател од ЗНАМ, Максим Димитриевски, има собрано околу 3,5 илјади потписи, а по него следува професорката Билјана Ванковска од Левица со 2.700 потписи досега.
Потписи за претседателските кандидати се собираат само во подрачните единици на ДИК. Ќе се собираат до 8 март.
Претседателските избори се закажани за 24 април, односно 8 мај кога по вториот круг ќе биде одлучено кој ќе ја води државата во наредните пет години.