Опозициските партии на Албанците добиваат место во ДИК

Се забрзува процедурата за комплетирање на составот на ДИК. Вчера, спикерот Талат Џафери побарал од 5 опозициски партии на Албанците да му достават предлог за член на ДИК од листата што завчера ја утврди Комисијата за избори и именувања. Барањето го испратил до Изет Меџити, Африм Гаши, Биљал Касами, Аријанит Хоџа и до Скендер Реџепи. Нивниот одговор го чека во рок од 3 дена, односно до понеделник до 16.30 часот.

Комисијата утврди 5 кандидати, меѓу кои и Абдуш Демири, како предлог на Европскиот сојуз за промени. Неговата кандидатура беше прифатена откако опозициската коалиција приложи документи дека тој повеќе не е во раководните органи на БЕСА, што е услов за кандидирање во ДИК. Европскиот сојуз реагира што писмото е упатено и до уште две други новоформирани партии а не само до нив. До Алијанса не е испратено иако и тие се обидуваат да го задржат местото во ДИК.

Собранието бира седум члена со дво-третинско мнозинство. Во моментот, празно е едно столче кое `и припаѓа на опозицијата. Го испразни Кренар Лога кога стана министер, а Алијанса влезе во Владата. Доколку се постигне договор, изборот на член на ДИК може да се најде на седница уште наредната недела.