Операторот на Северен тек бара опрема за поправање на саботираниот гасовод

Оштетувањата на рускиот гасовод Северен тек би можеле да бидат поправени со опремата на специјализирано здружение за поправање гасоводи и подморска инсталација ПРСИ Пул, извести операторот денес во изјава за Ројтерс.

Операторот на гасоводот во понеделникот извести за нагло паѓање на притисокот во цевките, а Данска објави дека во Балтичкото Море истекува гас.

Потоа беше утврдено дека гас истекува и од вториот крак на гасоводот и дека двата крака се оштетени на неколку места. Норд стрим истакна денес во изјава за Ројтерс дека гасоводот може да биде поправен со опрема на ПРСИ Пул.

Непрофитното здружение ПРСИ Пул им обезбедува на членките опрема за поправање на гасоводите, а го формирале во 1987 година норвешките компании Статоил и Норске хидро на барање на норвешките власти. Организацијата опфаќа дваесетина оператори кои управуваат со цевководи со должина од 20.000 километри.

„Станува збор за некој вид осигурување. Не сакате да трошите пари на тие работи, но кога ќе ви притреба, сакате да функционира“, објасни своевремено директорот на ПРСИ Пул Јан Олав Берге.

„Норд стрим АГ е член на ПРСИ Пул и може да ја вклучи организацијата во подоцнежната фаза на поправката, откако ќе се утврди стратегијата за поправање и решението“, порача операторот на Северен тек.

Мнозински сопственик на Норд стрим АГ е руски Газпром, а останати акционери се германски Винтершел и ЕОН, француски Анжи и холандски Гасуни.

Европската Унија отвори истрага за оштетувањата на гасоводот на двата крака, кажувајќи дека се сомнева во саботажа.