ОПЕК+: Намалено производството на нафта ја фаворизира Русија

На овонеделната средба на картелот ОПЕК и неговите сојузници, меѓу кои е и Русија, е заклучено да се намали комбинираното дневно производство на сурова нафта за 2 милиони барели дневно (бпд). Тоа е околу 2% од светското производство на нафта. ОПЕК + произведува околу 40% од суровата нафта во светот.

Тоа е најголема редукција од намалувањето направено во текот на пандемијата, во 2020 година, и доаѓа само два месеца пред планираното ембарго на ЕУ за руската нафта.

Тоа е исто така навреда за американскиот претседател Џо Бајден, кој летово беше во контроверзна посета на Саудиска Арабија, најголемата земја извозник на нафта во ОПЕК и де факто лидер на групата.

Картелот вели дека е загрижен поради падот на цената на нафтата. Откако цената на суровата нафта од сортата „Брент“, по руската инвазија на Украина, во март се искачи на речиси 140 долари за барел, таа на ефективниот пазар во септември падна на речиси 80 долари за барел.

Целта на ОПЕК е да обезбеди стабилност на цените на нафтата и производството, како и да одржува стабилен приход за земјите-производители на нафта. Тоа не е лесен подвиг со оглед на тоа што ЕУ сака да престане да купува нафта од Русија, еден од нејзините клучни добавувачи. ОПЕК + вели дека неговата одлука се должи на несигурноста во глобалните економски изгледи и изгледите на пазарот на нафта.

Но, во соопштение до клиентите, главната економистка за суровини во консултантската компанија Капитал Економикс, Керолин Бејн, оценува дека наведувањето на пазарот како аргумент за намалувањето на понудата е прилично невообичаено.

„Глобалните резерви на нафта се историски ниски и високите цени досега не влијаеја значително на побарувачката“, констатира таа.

Поволната цена на суровата нафта сигурно одиграла улога во нивната одлука, оценува Бејн.