ОН: Русија мачела и произволно затворала луѓе на окупираните украински територии

Русија мачела и произволно затворала луѓе на окупираните украински територии, создавајќи „клима на страв“ и го потиснувала украинскиот идентитет, се наведува во извештајот на ОН објавен во средата, цитиран од АФП.

Извештајот, за кој Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека е заснован на повеќе од 2.300 интервјуа, ја обвини Москва за „вршење широко распространето кршење на законите за човекови права“.

Од инвазијата во февруари 2022 година, Москва зазеде големи делови од јужна и источна Украина.

Русија го наметна својот „јазик, државјанство, закони, правосуден систем и наставни програми на окупираните територии“, притоа потиснувајќи го украинскиот идентитет, се вели во соопштението на канцеларијата на ОН, пренесува британскиот весник „Гардијан“.

„Од самиот почеток, руските вооружени сили, дејствувајќи општо неказниво, извршија широко распространети прекршувања, вклучително и произволно притворање на цивили, често придружени со тортура и малтретирање“, се вели во извештајот.

Мирните протести беа пречекани со „силата“ на руската армија, која ја ограничи слободата на изразување и ограби куќи и деловни објекти, се вели во соопштението.

Во извештајот се додава дека Москва го блокирала пристапот до украинските медиуми и телефонските мрежи во обид да го контролира протокот на информации.

„Постапките на Руската Федерација го разбија социјалното ткиво на заедниците и ги оставија поединците изолирани, со длабоки и долготрајни последици за целото украинско општество“, рече во изјавата високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк.