Бугарија да ги презме сите мерки за гаранција на правата на малцинствата на нејзина територија вклучувајќи го и македонското малцинство и да ги отстрани сите бариери за регистрација на Македонците – стои во последниот извештај на Комитетот за елиминација на дискриминација на Обединетите Нации. Од официјална Софија се бара и да ги преземе сите мерки за поттикнување на нивните активности и да соработува со малцинствата. Извештајот нотира и загриженост за постојаните пречки и одбивање на регистрација на македонските здруженија од страна на тамошната Агенција за регистрација и од судовите, врз основа на нивната македонска самоидентификација.
„Комитетот го зема предвид објаснувањето дадено од делегацијата на државата членка дека сите нејзини граѓани имаат право на самоидентификација, вклучително и Македонците и Помаците. Сепак, Комитетот е загрижен поради извештаите дека на членовите на македонските малцински групи им е забрането слободното остварување на правото на слобода на собирање и слобода на здружување“.
Во извештајот дополнително се повикуваат властите во Бугарија да ги спроведат пресудите на Европскиот суд за човекови права.
„Комитетот препорачува државата членка да ги разгледа сите можни средства за гарантирање на ефективно уживање на човековите права од страна на лицата кои припаѓаат на етничките малцинства, вклучително и македонските и помачките малцински групи, вклучително и преку спроведување на релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права, релевантни на правото на слобода на изразување и слобода на здружување“.
Европскиот суд за човекови права до сега има донесено 16 пресуди во корист на македонските здруженија во Бугарија. Сепак, до сега официјална Софија нема спроведено ниту една од тие пресуди.
По повод 75-годишнината од Декларацијата на ОН за човекови права, Обединетата македонска дијаспора повика на заштита на правата на Македонците, не само во Бугарија, туку и во соседна Грција и Албанија.
Бараат конкретни чекори, а не само зборови. Оттаму ја повикува меѓународната заедница да застане во солидарност со македонските и останатите малцинства во Грција, Бугарија и Албанија и да работи колективно за да се стави крај, на, како што велат, овие прекршувања.