Онколошки пациентки повикани на разговор во ЈО

Обвинителството назначило уште еден обвинител за предистрагата за Онкологија, па сега двајца работат на постапката, поради преобемните материјали собрани досега.

Ова како информација го добиле три онколошки пациентки кои Обвинителството ги повика за да ги увери дека се постапува, ама и да побара и од нив да соработуваат. Дали се истражува посебно за мито, за евентуални кражби на лекови кои завршувале на црниот пазар, во оваа фаза не се споделуваат детали, ама пациентките велат дека важно што е можно побрзо да има име и презиме, јавува Канал 5 тв.

Во меѓувреме остануваат на своите барања за правда, и велат дека ќе продолжат да протестираат секој ден во 19 пред Обвинителството оградувајќи се од политика.

Обвинителството веќе води три постапки за изолирани случаи на обид за кражби на лекови и поткуп поврзани со Клиниката за онкологија, од кои едниот е веќе во судска постапка, за вработен во аптеката.

Вториот е за медицинската сестра за која има две кривични пријави за кражба на цитостатици и „послужување“.

Таа не се појавила на распитот на кој била повикана, потврдуваат од Обвинителството. Во моментот истражните органи ја проверуваат нејзината достапност, односно дали таа е во земјава, оти според неофицијалните информации е во Германија.