Омикрон ги преполни амбулантите во Србија, близу 9.000 новозаразени со Ковид 19
Во соседна Србија е зголемен бројот на прегледи во ковид амбулантите, иако, барем засега, има помал притисок врз болниците и здравствениот систем.
Според официјалните податоци на Министерството за здравство, денес се регистрирани 8.949 позитивни и 24 лица починати од коронавирус, што е веднаш зад неславниот рекорд во четвртокот кога беа регистрирани 9.122 заболени.
Голем број луѓе продолжуваат да доаѓаат на преглед во Ковид амбулантите, што укажува дека омикрон сојот е доминантен во Србија, како и во остатокот од Европа.
Според лекарите, лицата заразени со омикрон сè уште имаат пневмонија, но обично не доаѓа до развој на потешка клиничка слика.
Симптомите на новиот вид на коронавирус се движат од оние кои се слични на настинката и кои биле карактеристични за претходните видови, првенствено треска, а за нови симптоми се посочуваат најчесто сините усни и рацете, како и болка во грбот.