Албанскиот Институт за статистика, ИНСТАТ, соопшти дека инфлацијата во октомври изнесува 3,8 отсто, наспроти 4,1 минатиот месец.
Во октомври минатата година инфлацијата беше 8,3 отсто, што беше највисоко ниво.
– Нивото на октомвриската инфлација од 3,8 отсто е најниско забележано од февруари 2022 година, пред почетокот на руската агресија во Украина.
Главното влијание врз намалувањето на инфлацијата го даде транспортната групација со веќе стабилизирани цени на горивата и на локалниот пазар, јави abcnews. al.
Но, цените на прехранбените продукти и другите услуги продолжуваат да растат.
Најголем раст на цените е забележан во прехранбените производи со 2,6 отсто, особено зеленчукот и млечните производи, а потоа следат групата забава и култура, облека и обувки, како и образованието и здравствените услуги.
Централна банка на Албанија на први месецов ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 отсто и таа сега изнесува 3,25 отсто, поради, како што рече гувернерот Гент Сејко „кризата со цените која продолжува силно да се чувствува”.
Според него, банката предвидува во втората половина на следната година нивото на инфлација да достигне три отсто.