Околу 200 милиони евра се долговите на јавните претпријатија, третина од нив имаат блокирана сметка

На првите три места со најголеми загуби во земјава се три скопски јавни претпријатија – Водовод и канализација, Улици и патишта и Комунална хигиена. Само скопски Водовод има загуба од 4,2 милиони евра.

Повеќе од половина од локалните јавни претпријатија лани оствариле загуба, а третина од нив имаат блокирани банкарски сметки, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Вкупните загуби на општинските јавни претпријатија изнесуваат 17,4 милиони евра и се зголемени за 56% споредено со 2023 година.

На првите три места со најголеми загуби во земјава се три скопски јавни претпријатија – Водовод и канализација, Улици и патишта и Комунална хигиена. Само скопски Водовод има загуба од 4,2 милиони евра.

На четврто и петто место се две битолски претпријатија, Водовод и Комуналец. Следи уште едно скопско претпријатие, Паркови и зеленило, а потоа комуналните претпријатија од Кочани, Велес, Охрид и Прилеп.

Во 2024 година сепак некои претпријатија оствариле добивка. Нивната вкупната добивка изнесува околу 5,4 милиони евра што е за 24 % повеќе од 2023 година.

Според истражувањето 126 од 128 локални јавни претпријатија имаат долгови кои вкупно изнесуваат 193,2 милиони евра. И тука е прво скопското ЈП Водовод и канализација кое должи 53,3 милиони евра. Следи јавното сообраќајно претпријатие Скопје кое има долгови од речиси 17 милиони евра. Со долгови од по речиси 10 милиони евра се кумановски Водовод и гостиварски Комуналец.

Една третина од локалните јавни претпријатија имаат блокирана банкарска сметка, односно 41 претпријатие.

Во сите овие 128 претпријатија на локално ниво, во постојан работен однос има 12.009 вработени. Најмногу вработени, по повеќе од илјада имаат три скопски локални претпријатија – Комунална хигиена, Јавното сообраќајно претпријатие и Водовод и канализација. Од другите градови, претпријатие со најмногу вработени е штипски Исар.